02.4.2012 Баер Леверкузен го отпушти Дут
Само по девет месеци на клупата на Баер Леверкузен, Робин Дут доби отказ, објави „Билд“. Четирите последователни порази во Бундеслигата и доведувањето во опасност на пласманот во Лигата на Европа му пресудија на 47-годишниот стручњак.
Дут во Леверкузен дојде по четири години минати во Фрајбург, а токму поранешниот клуб му ја одзеде работата во Баер. Во саботата „фармацевтите“ пред своите навивачи изгубија од Фрајбург со 2-0, по што лидерите на клубот го изгубија трпението.
„Билд“ наведува дека Дут вчера наутро имал состанок со спортскиот директор Руди Фелер и главниот директор Волфганг Холцхојзер, коишто му соопштиле дека веќе не е тренер на клубот.
До крајот на сезоната екипата би требало да ја води Саша Левандовски, 40-годишниот тренер на младинскиот состав, како и Сами Хипија, 38-годишниот одбранбен играч кој лани ја заврши кариерата во Баер, а сега е помошен тренер на финската репрезентација.