31.5.2011 Свонси прв клуб од Велс во Премиер лигата
Фудбалерите на Свонси го победија Ридинг со 4-2 на „Вембли“, па со тоа славеа во разигрувањето на четирите второлигаши за последното, трето место, кое води во англиската Премиер лига.
Скот Синклер, 22-годишниот
крилен играч, поранешен напаѓач на Челзи и на младата англиска репрезентација,
постигна хет-трик, при што погоди два пенали.
Уште на полувремето Свонси
имаше резултат 3-0. Ридинг во првите 12 минути на второто полувреме намали на
3-2, но Синклер со третиот гол, втор од белата точка, во 80-тата минута го реши
прашањето околу победникот.
Откако постои Премиер
лигата (од 1992 година), ниту еден велшки клуб не играл во елитното
натпреварување меѓу клубовите на подрачјето на Англија и Велс. Последен пат во
тогашната англиска прва лига Свонси играше во сезоната 1982/83.
За пласманот на Велшаните
во Премиер лигата заслужен е и резултатот по основниот дел од сезоната: по
завршувањето на Чемпионшип, Свонси го држеше третото, а Ридинг петтото место.
Претходно во Премиер
лигата се имаа квалификувано Квинс парк ренџерс и Норвич. Со промоцијата во
елитната класа на англискиот клупски фудбал Свонси си обезбеди финансиски прилив
од 90 милиони фунти.