13.2.2012 Вулверхемптон го отпушти Мекарти
Мик Мекарти повеќе не е тренер на Вулверхемптон, така одлучија челниците на клубот со образложение дека морале да го раскинат договорот бидејќи формата на клубот е незамисливо лоша.
На последните дваесет и два првенствени натпревари „волците“ освоија само четиринаесет бода и во моментов се наоѓаат во зоната за испаѓање, на осумнаесеттото место, со бод повеќе од Болтон и два повеќе од последниот Виган.
Чашата ја прели домашниот пораз овој викенд од Вест Бромич, натпревар кој заврши 5-1 во корист на гостинот.
Инаку, овој педесет и тригодишен тренер Вулверхемптон го презеде во 2006 година, додека клубот беше многу далеку од Премиер лигата, а во 2009 година успеа да избори место во елитата. Беше селектор на Ирска, а работеше и во Милвол и во Сандерленд.
Тери Конор, досегашниот помошник, привремено ќе ја извршува должноста прв тренер, но клубот се надева дека, најверојатно, наскоро ќе пронајде долгорочно тренерско решение.