Корисничко име Лозинка Пријави се
10.11.2017

Хрватска блиску до Русија, Швајцарија минимално!

Репрезентацијата на Хрватска направи огромен чекор кон пласманот на Светското првенство откако на „Максимир“ ја декласира Грција во првиот натпревар од баражот сo 4-1.

Во исто време беше одиграна и средбата меѓу Северна Ирска и Швајцарија, а гостите славеа во Белфаст со погодокот на Рикардо Родригес во 58-мата минута од непостоечки пенал.
Хрватска не сакаше ништо да ѝ препушти на случајноста – тргна офанзивно од самиот старт и уште по помалку од 20 минути игра имаше предност од два гола.
За водство погоди Лука Модриќ во 13-тата минута, потоа по огромната грешка на Орестис Карнезис, голманот на Грција, кој лошо го прифати повратниот пас на Јоргос Цавелас, а потоа и го собори Никола Калиниќ.
Играчот за врска на Реал Мадрид рутински го совлада од белата точка, а чуварот на мрежата на гостите може да биде презадоволен бидејќи доби само жолт картон.
Само шест минути подоцна, Иван Стриниќ се проби по левата страна, а Иван Перишиќ од работ на петтерецот со надворешниот дел на копачката зголеми на 2-0.
Натпреварот продолжи во истиот ритам, Грците не можеа ништо друго освен да напаѓаат, а по половина час од играта успеаја да се вратат во игра со погодокот на Сократис Папастатопулос.
Но, 180 секунди подоцна, Хрватите повторно имаа предност од два погодока, а стрелец овој пат беше Иван Перишиќ, по асистенцијата на Шиме Врсаљко.
И вториот дел од играта почна на ист начин, Андреј Крамариќ и четврти пат ја затресе мрежата на гостите, по нова голема грешка на задната линија на Грците, но тоа беше сè од голови пред повеќе од 30.000 луѓе на трибините.
Во преостанатите две доигрувања, Италија вечерва, од 20.45 часот ќе гостува во Шведска, додека Данците утре, во тој термин ќе ја дочекаат Република Ирска.
Реванш-натпреварите на програмата се три дена по првите дуели, а на Мундијалот ќе одат победниците на двомечевите.

Најнови вести