Корисничко име Лозинка Пријави се
09.6.2018

Германците повторно бледи, Гундоган исвиркан во Леверкузен

Актуелниот светски шампион Германија ја победи Саудиска Арабија со 2-1 во последниот подготвителен натпревар пред почетокот на претстојниот Мундијал во Русија.

„Панцирите“ до триумфот на „Бај арената“ во Леверкузен дојдоа со головите на Тим Вернер во осмата , по добрата акција и додавањето на Марко Ројс, и со автоголот на Омар Хавсави во 43-тата минута. Единствениот гол за Саудиска Арабија беше виден во 84-тата минута – пеналот на Ал Сахлави го запре Марк-Андре тер Штеген, но Ал Јасим налета на топката и го постави конечниот резултат.
И покрај победата, прва по петте пријателски натпревари, екипата на Јоахим Лев не може да се пофали со добра партија. Освен периодот кога доаѓаа до головите, Германија играше исклучително слабо.
Се гледаше дека на екипата ѝ недостасува Месут Озил, чија улога ја презеде Марко Ројс, но топката се движеше исклучително бавно во фазата на нападите, а во некои наврати светските шампиони имаа големи проблеми со притисокот на Арабија. Гостите на крајот можеа и да избегнат пораз, во самиот финиш имаа голема шанса, но Матс Хумелс во судниот момент добро реагираше.
Интересна ситуација имаше при влегувањето во игра на Илкај Гундоган, играчот за врска на Манчестер сити, кого навивачите го исвиркаа поради неодамнешната фотографија со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а публиката негодуваше и при секој негов допир со топката.
Германија во Русија игра во групата Ф со Шведска, Јужна Кореја и Мексико, кој ќе ѝ биде противник на стартот на 17-ти јуни. Саудиска Арабија е во групата А со Уругвај, Египет и домаќинот на натпреварувањето, против кого ќе игра на отворањето на 14-ти јуни.
Во останатите пријателски натпревари, Иран ја доби Литванија со 1-0, со голот на Ансарифарда во 88-мата минута, додека натпреварот меѓу Полска и Чиле е завршен без победник – 2-2.
Полјаците со головите на Роберт Левандовски во 30-тата и на Пјотр Желински во 34-тата минута имаа двократна предност. Сепак, Чилеанците, коишто неодамна ја совладаа Србија (1-0), успеаја да го намалат заостанувањето со погодокот на Валдес во 38-мата минута, а конечниот резултат го постави Алборнс во 56-тата минута.

Најнови вести