Корисничко име Лозинка Пријави се
03.2.2017

Игор и Дарио поставуваат нови рекорди!

Спорт Лајф веќе седма година по ред е голем поддржувач на индивидуалните спортисти, меѓу кои е и атлетичарот Игор Јакимовски - Вуци. Одличната соработка со искусниот атлетичар придонесе неговите резултати од сезона во сезона да стануваат се подобри и покрај возраста од 40 години и влезот во ветеранската категорија М40.

Во текот на овие 7 сезони во кои го поддржуваме Игор, тој успеа да стигне до титулата државен првак во планинско трчање за 2012 година, стана апсолутен армиски првак во неколку дисциплини и го понесе признанието за Спортист на годината во АРМ. 
Игор е стандарден репрезентативец во планинско трчање, маратон и други дисциплини, македонски вицешампион во дуатлон и досега освои многу пиедестали на државно ниво, пиедестали во меѓународна конкуренција во категоријата М40, пласмани меѓу првите десет атлетичари на полумаратони и маратони на балканските главни градови. 
Големиот борец Јакимовски е редовен учесник на многу трки во текот на една сезона, за што е убедливо број 1 во Македонија - само во последната сезона истрча вкупно 42 атлетски трки, а за одбележување е и неговиот подвиг во октомври и ноември 2016 година, кога во еден месец истрча 4 маратони, од кои едниот беше во Швајцарија и се трчаше со воена униформа со товар на грб од 6,5 кг, а Игор го освои првото место меѓу претставниците на неколку странски армии.
„Сезоната 2017 ќе ја стартувам со настап на меѓународниот атлетски крос БЕЛИ КРОС кој ќе се одржи на 12 февруари во Белград. Моите главни цели оваа сезона ќе бидат меѓународна победа на еден од Балканските маратони во категоријата М40 (над 40 години), подобрување на моите најдобри постигнувања во маратон и во полумаратон, потврда на статусот државен репрезентативец и секако најважното за мене тренерската работа и успесите со Дарио каде најмногу планирам да вложам труд и енергија“, планира Игор за новата сезона.
Љубовта и страста кон трчањето Игор ја пренесува на младите надежи во неговото родно Марино и успеа да формира свој тим од петнаесетина млади атлетичари, со кои почна програма на тренинг од јануари 2015 година. 
Работата и посветеноста на популарниот Вуци со оваа група резултираше со откривањето на еден од најголемите таленти на Македонија во поновата спортска историја - Дарио Ивановски! 
Со 19 години и само 2 одработени сезони успеа да стане најдобриот македонски атлетичар на средни и долги патеки во последните дваесетина години и веќе се запиша во нашата книга на рекорди. 
Спортскиот проект на Игор и Дарио, тренерот и ученикот кои заедно тренираат, но и се натпреваруваат, е реткост во македонската атлетика, но според резултатите што ги остваруваат, е вистински погодок. На овој начин функционираат и најдобрите атлетичари од Бугарија, Митко Ценов и Јоло Николов , а Игор, поучен од искуството, не отстапува  од тој начин на тренирање и натпреварување.
Во 2016 година младиот Дарио успеа да ги освои сите титули на трките од 800 м до полумаратонот, оствари и меѓународна победа, неколкупати и меѓународни пиедестали.
Дарио постави нов државен рекорд на 1000 метри, стана стандарден државен репрезентативец во многу дисциплини, на неколку избори беше избран за млад атлетичар бр.1 во Македонија и доби стипендија од АМС за млади надежни спортисти на Македонија. Дарио е кандидат број еден од Македонија за настап на ЛОИ 2020 година во Токио.
Деветнаесетгодишниот Дарио новата сезона ја почна неверојатно: на 15-ти јануари годинава на Атлетски митинг во Белград го подобри 23 години стариот рекорд на Трпе Мартиновски на 3000 метри во сала за цели 8 секунди! Стариот рекорд беше 08.36.10, додека новиот гласи 08.28.59.
„Сезоната 2017 ја стартував со една од моите најголеми цели за оваа сезона, а тоа е рушењето на македонскиот рекорд на 3000 метри во сала. Следните мои цели и предизвици се исто така совладување на македонските рекорди на 800 м, 1500 м, 2000 м и 3000 м со пречки, освојување на медал на балканските првенства. Исто така ќе атакувам и на сите државни титули во сите дисциплини од 800 м до полумаратон, потоа на победа во апсолутен пласман на Скопскиот полумаратон и секако сакам да остварам меѓународна победа на митинзите кои се одржуваат на Балканот“, ни кажа Дарио за плановите годинава.
Спорт Лајф ќе продолжи со својата поддршка за Вуци и Дарио и се надеваме дека ќе успеат да постават многу рекорди и да остварат многу победи!

 

Најнови вести