Корисничко име Лозинка Пријави се
15.11.2016

Неста: Италија нема доволно квалитетни играчи

Алесандро Неста изјави дека Италија нема квалитет да се спротивстави на светскиот шампион Германија или на некои други репрезентации.

Еден од најдобрите дефанзивни играчи на сите времиња, кој со Италија го освои Светското првенство во 2006 година, се пожали на стандардот на играчите коишто играат за државниот тим.
Италија ова лето, под водство на селекторот Антонио Конте, натпреварувањето на Европското првенство во Франција го заврши во четврт-финалето, со поразот од Германија по пеналите.
И покрај тоа, медиумите и навивачите го фалеа државниот тим, кој на патот до четврт-финалето ги победи Белгија и Шпанија.
„Италија играше многу добро на Европското првенство, со оглед на играчите. Имаа одличен тренер, Антонио Конте. Меѓутоа, не можеа да постигнат повеќе од тоа, бидејќи во денешно време нема доволно квалитетни играчи во Италија коишто би можеле да се спротивстават на Германија или на другите екипи“, изјави Неста.
По заминувањето на Конте, по завршувањето на Европското првенство, репрезентацијата на Италија ја презеде Џампјеро Вентура. Тој на дебито беше поразен од Франција во пријателскиот натпревар, но нанижа четири натпревари без пораз во квалификациите за Светското првенство 2018 година.
Во групата Г, Италија ги победи Лихтенштајн, Македонија и Израел, а одигра нерешено со Шпанија, со која го дели првото место на табелата со по десет бода.
На прашањето дали Вентура е вистинскиот човек за селектор на Италија, Неста, кој освои три шампионски титули во Серија А и две во Лигата на шампионите, изјави:
„Не знам, ќе видиме. Теренот сè ќе каже“.

Најнови вести