Корисничко име Лозинка Пријави се
01.9.2011

Крауч и Паласиос во Стоук, Хатон и Џенас во Астон вила

Се очекуваше дека главна вест во последните денови од преодниот рок, барем што се однесува до англискиот премиерлигаш Тотенхем, ќе биде Лука Модриќ. Меѓутоа, со него ништо не се случи, а со другите фудбалери да.

Репрезентативецот на Хондурас, Вилсон Паласиос и Питер Крауч веќе не се на „Вајт харт лејн“ туку се новите играчи на Стоук. Паласиос премина во Стоук за осум милиони фунти, а репрезентативецот на Англија за десет. Двајцата потпишаа четиригодишен договор.
„Ова е голема работа за нашиот клуб. Вилсон е фантастичен играч кој се покажа на највисоко ниво на фудбалската игра. Питер има неверојатно добро чувство за постигнување голови, а тоа го покажува податокот од минатата сезона кога во десет натпревари за Тотенхем постигна седум голови во Лигата на шампионите. Покрај тоа, за репрезентацијата во 31 настап постигна 17 голови, што доволно зборува за неговиот квалитет“, рече менаџерот на Стоук, Тони Пулис.
Алан Хатон и Џермејн Џенас се одлучија кариерата да ја продолжат со менаџерот на Астон вила, Алекс Меклиш. Шкотот Хатон потпиша четиригодишен договор со Астон вила, додека Џенас стигна како едногодишен заем.
„Алан е играч кого одлично го познавам. Сега е во најдобрите играчки години и ни носи многу меѓународно искуство, што од шкотската репрезентација, што од Тотенхем или Ренџерс, со кои играше на европските натпреварувања. Џермејн е динамичен централен играч за врска за кого верувам дека ќе биде добро засилување. Сигурен сум дека ќе сака да се докаже кај нас, без разлика што не добиваше многу шанси за тоа кај „спарси“, што значи дека добивме уште еден голем играч“, заклучи Меклиш.

Најнови вести