Корисничко име Лозинка Пријави се
20.11.2013

Гана и Алжир на Светското првенство

Репрезентацијата на Гана избори пласман на Светското првенство иако во Каиро, во реванш-натпреварот од африканскиот бараж, изгуби од домашната селекција на Египет со 2-1.

Гана очекувано оствари успех бидејќи првиот натпревар во баражот на домашен терен го доби убедливо со 6-1, така што реваншот во Каиро практично претставуваше формалност.
На Мундијалот следната година во Бразил популарните „црни ѕвезди“ трет пат по ред ќе бидат учесници на планетарната смотра.
Гана во 2010 година на Светското првенство во Јужна Африка, под водство на српскиот стручњак Милован Рајевац, стигна до четврт-финалето, каде што беше поразена од Уругвај по изведувањето на пеналите.
Заки во 25-тата минута го доведе Египет во предност. Гедо во 84-тата зголеми на 2-0, а конечниот резултат го постави Кевин Принс-Боатенг во 89-тата минута.
Репрезентацијата на Алжир избори пласман на Светското првенство откако синоќа на домашен терен, во реванш-натпреварот од африканскиот бараж, ја совлада селекцијата на Буркина Фасо со 1-0.
Одлучувачкиот гол за големото славење на 40.000 навивачи на стадионот „Мустафа Такер“ во Блиди го постигна Маџид Бугера во 49-тата минута.
Првиот натпревар Буркина Фасо на домашен терен го доби со резултат од 3-2.
Најдобрите фудбалери на Алжир, кој од клупата го предводи поранешниот југословенски репрезентативец Вахид Халилхоџиќ, изборија четврто учество на Светското првенство, второ по ред.
По овие натпревари, познати се сите пет претставници од Африка на Мундијалот следната година во Бразил – Нигерија, Брегот на Слоновата Коска, Камерун, Гана и Алжир.

Најнови вести