Корисничко име Лозинка Пријави се
25.7.2013

Копа Либертадорес: Атлетико Минеиро првпат шампион!

Фудбалерите од бразилската екипа со 2-0 го надополнија заостанувањето од првиот финален меч, а по продолжението без голови, со пенали стигнаа и до конечна победа од 4-3. Роналдињо е трет фудбалер кој ги освоил Лигата на шампионите, Копа Либертадорес и Светското првенство.

Фудбалерите на Атлетико Минеиро за првпат го освоија Копа Либертадорес откако во реванш-натпреварот од финалето во Бело Оризонте во регуларниот дел водеа со 2-0 против Олимпија од Асунсион, а потоа беа подобри во изведувањето на пеналите со 4-3.
Соочени со дефицит од два гола по првата средба во Парагвај претходната седмица, Бразилците не се предадоа и во драматичниот финиш стигнаа прво до продолженија од два пати по 15 минути, а на крајот и до конечна победа.
Атлетико поведе во 47-мата минута со голот на Жо, по големата грешка на Вилсон Питони во одбраната. Потоа следуваа неколку шанси за двете страни, со тоа што шансите на Атлетико беа малку подобри и бразилскиот клуб играше поангажирано бидејќи и понатаму мораше да го брка резултатот 0-2 од првиот финален натпревар.
Работата им ја олесни Хулио Манзур, кој во 85-тата минута го турна Александро и доби жолт картон, автоматски и црвен. Бројната предност домаќините ја искористија две минути подоцна, кога дефанзивниот играч Леонардо Силва со глава ја испрати топката во голот по центаршутот на Бернард. Следуваше воодушевување на стадионот во Бело Оризонте и тогаш веќе се насетуваше епилогот.
Атлетико беше подобар и во продолжението, Ревер ја погоди рамката на голот, добра шанса имаше и Гилјерме, но како што поминуваше времето, и фудбалерите на Атлетико ја потрошија силата и нападите стивнаа.
Одлуката падна од белата точка, а голманот на Атлетико, Виктор, уште во првата серија го одбрани шутот на Миранда, што на домаќините им донесе голема предност. Сите изведувачи за Атлетико (Александро, Гилјерме, Жо, Леонардо Силва) беа прецизни, а пресуди промашувањето на играчот на Олимпија, Хименез, во петтата серија.
Славниот Роналдињо, најголемата ѕвезда на Атлетико, не блескаше, но стана трет фудбалер кој ги освоил Лигата на шампионите, Копа Либертадорес и Светското првенство. Другите двајца се негови земјаци, Кафу и голманот Дида, кој на Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја беше само резерва.

Најнови вести