25.9.2017 Олимпијакос го смени Хаси по поразот од АЕК
Бесник Хаси доби отказ од страна на сопственикот на Олимпијакос.
Косовецот Бесник Хаси доцна синоќа беше сменет од местото шеф на стручниот штаб на Олимпијакос откако неговиот тим доживеа шокантен пораз на „Олимпискиот стадион“ во Атина.
По двете последователни ремија во првенството и по поразот од Спортинг во првото коло од групната фаза на Лигата на шампионите, Олимпијакос си дозволи да ја изгуби предноста од 2-0 во дуелот со АЕК, што беше капка која ја прели чашата.
Доцна синоќа беше одлучено Бесник Хаси да биде сменет, а во следните денови ќе биде донесена одлука за тоа кој ќе го наследи.
Олимпијакос ова лето успешно ги помина квалификациите за Лигата на шампионите бидејќи кон групната фаза ги елиминира Партизан од Белград и хрватската Риека.
Олимпијакос по пет одиграни натпревари, се наоѓа на четвртото место на табелата на грчкиот шампионат со осум освоени бодови, а во среда екипата од Пиреа ја очекува сериозен тест во Лигата на шампионите бидејќи гостува кај Јувентус во Торино.