17.1.2013 Лоик Реми сепак во Квинс парк ренџерс
Иако претходно постоеја многу цврсти индиции дека Лоик Реми, 26-годишниот напаѓач на Марсеј, ќе отиде во Њукасл, приказната се сврти и официјално овој повремен француски репрезентативец заврши во Квинс парк ренџерс.
Реми потпиша договор на четири и пол години со моментно последнопласираната екипа на англиската Премиер лига, а во клубот наведоа дека неговиот трансфер е рекорден. Англиските медиуми шпекулираат дека се работи за оштета од десет милиони евра.
„Да не беше Хари Реднап, тренерот на Квинс парк ренџерс, веројатно никогаш не би завршил во овој клуб. Тој е причината што дојдов тука“, рече Реми, кој поради повреда го пропушти минатогодишниот настап на Франција на Европското првенство.
Минатата сезона Реми играше во одлична форма, па постигна дваесет погодоци во сите натпреварувања, но во оваа само еднаш беше стрелец во 14 првенствени настапи.