Корисничко име Лозинка Пријави се
20.11.2012

Официјално: Дејвид Бекам го напушта Лос Анџелес галакси

Дејвид Бекам, 37-годишниот некогашен капитен на англиската фудбалска репрезентација, на први декември ќе го одигра последниот натпревар за Лос Анџелес галакси, вчера потврди клубот.

Петгодишниот престој во Галакси англиската ѕвезда ќе го заклучи со финалниот дуел на МЛС лигата против Хјустон динамо. Тоа ќе биде реприза на ланското финале, а Бекам и Галакси ќе имаат шанса да ја одбранат титулата.
„Поминав прекрасен период во Лос Анџелес галакси, но сакам да искусам уште еден предизвик пред крајот на кариерата. Не го гледам своето заминување како крај со Лигата бидејќи имам амбиции да бидам во сопственичката структура во иднина“, порача Бекам преку интернет-страницата на клубот.
Поранешниот играч за врска на Манчестер јунајтед и на Реал Мадрид не објави каде ќе ја продолжи кариерата. Минатата седмица се појави информацијата дека е во контакт со еден од австралиските клубови, но неговиот портпарол го демантираше тоа.

Најнови вести