06.5.2016 Кутињо, Хулк и Вилијан ќе го предводат Бразил
Селекторот на Бразил Карло Дунга од тимот за Копа Америка го изостави фудбалерот на Орландо сити Кака и неколкумина играчи кои настапуваат за европските клубови.
Фудбалерот на Барселона Нејмар нема да игра на Копа Америка, бидејќи ќе настапи на олимпискиот турнир во Рио, а во тимот од 23 играчи го нема ни Оскар, Лукас Мура и Алекс Сандро.
Од тимот е изоставен и Кака, кој постигна два гола во три натпревари за Орландо сити во американската МЛС лига, а на списокот ги нема ни тројцата играчи од Премиер лигата, Роберто Фирмино, Габриел и Фернандињо.
Турнирот ќе го пропуштат и Алекс Сандро од Јувентус и играчот на Лацио, Фелипе Андерсон.
Дунга меѓу останатите ги повика Дани Алвеш, Филипе Луис, Маркињос, Вилијан, Даглас Коста, Филипе Кутињо и Хулк.
Бразил ќе игра во Групата Б со Еквадор, Хаити и Перу.
Копа Америка ќе се одржи од 3-ти до 26-ти јуни во САД. Тоа е прв пат овој турнир да се одржува надвор од јужна Америка и е специјално издание, по договорот со Јужноамериканската конфедерација и конфедерацијата на Северна, Централна Америка и Карибите.
Бидејќи турнирот е церемонијален победник нема да добие можност да игра на Купот на конфедерации во 2017 година, бидејќи за тоа право веќе се избори Чиле, со победата на Копа Америка минатата година.