23.8.2012 Чави Ернандес најтрофеен фудбалер на сите времиња
На трети октомври 1998 година Шпанецот Чави Ернандес дебитираше за, според многумина, првата екипа на најдобриот фудбалски состав на светот – Барселона. Четиринаесет години подоцна стана најтрофејниот играч на сите времиња.
Чави освои сè што може еден фудбалер да освои на клупско, но и на репрезентативно ниво. Каква добра одлука беше таа кога ја одби понудата на тогаш една од подобрите екипи на Европа, Милан, и остана во Каталонскиот клуб, кој во наредните пет години не освои ниту еден трофеј!
Меѓутоа, сè се смени во 2003 година со доаѓањето на Роналдињо и Франк Рајкард на клупата. Доколку Барселона го освои Суперкупот на Шпанија, чиј прв натпревар против Реал Мадрид го игра вечерва, Чави ќе го освои дури својот 25-ти трофеј во кариерата.
Во витрината на Шпанецот се наоѓаат трофеите: титулата светски шампион со репрезентацијата, две европски титули, трипати Лигата на шампионите со Барселона, шест шампионски титули на Шпанија, два Суперкупови на Европа, пет Суперкупови на Шпанија, два Кралски купови и две титули на Светското клупско првенство. Со младата репрезентација на „црвената фурија“ Чави го освои и Светското првенство.
Од индивидуалните награди треба да се истакне дека Чави е прогласен за најдобар играч на Европското првенство во 2008 година, а низа години е во најтесниот избор за најдобар играч на светот („Балон д’ор“). На негова жалост, се роди и игра во времето на Лионел Меси, фудбалскиот гениј од Аргентина, кој три години по ред никој не може да го симне од тронот најдобар на светот.