18.6.2012 Казнети седум клубови во Италија
Фудбалскиот сојуз на Италија потврди казни со одземање бодови за седум клубови во Италија.
Казнети се прволигашот Пескара, второлигашите Новара, Падова, Емполи и Реџина, како и третолигашот Албинолефе и четвртолигашот Пјаченца поради местење натпревари.
Пескара новата сезона на Серија А ќе ја почне со два бодови помалку, а таа казна во Серија Б ја заработи Падова. Најмала казна во Серија Б, од еден одземен бод, доби Емполи, додека Реџина е казнета со четири бодови, колку што заработи и Новара.
Најлошо помина третолигашот Албинолефе со 15 одземени бодови, додека четвртолигашот Пјаченца заработи казна од 11 бодови.
Фудбалскиот сојуз им изрече петгодишна суспензија на Марио Касано (Пјаченца) и на Алесандро Цамперини (Равена). Поранешните фудбалери Луиџи Сартор и Никола Сантони, исто така, добија петгодишна забрана за вршење функции во фудбалот.
Парично се казнети екипите на Сампдорија и на Сиена со по 50.000 евра.