Корисничко име Лозинка Пријави се
29.2.2012

Гатузо се врати на тренинзите

Во нов обид да се врати на тренинзите и индиректно на натпреварите се впушти Џенаро Гатузо, триесет и четиригодишниот играч за врска на Милан.

Вчера тој го одработи првиот тренинг со своите соиграчи. И понатаму закрепнува од опасната и незгодната повреда на очниот нерв, поради што го пропушти целиот досегашен тек на сезоната.
Настапи само на првото коло од Серија А, против Лацио на „Сан Сиро“, на деветти септември минатата година, кога се судри со својот соиграч Алесандро Неста. На крајот на минатата година имаше еден неуспешен обид, дури и заигра на еден подготвителен натпревар. Веднаш по тој обид, му беше дијагностицирана мијастенија, автоимуна неуромускулна болест.
Некогашниот репрезентативец, кому на крајот од сезоната му истекува договорот, најави дека ќе одбие да зема плата доколку подолго време биде повреден.
Добра вест за Масимилијано Алегри е тоа дека Матје Фламини, исто така, вчера се појави на тренинг и има големи шанси да го видиме во тимот за саботниот натпревар против Палермо на Сицилија. Од друга страна, Кевин-Принс Боатенг би можело да го пропушти и овој натпревар бидејќи сè уште се мачи со повредата на мускулот здобиена на мечот со Арсенал од Лигата на шампионите.

Најнови вести