Корисничко име Лозинка Пријави се
28.8.2018

Николов и Адеми во иста мисија и различна стартна позиција за пласман во Лигата на шампионите

Македонските репрезентативци Бобан Николов и Аријан Адеми имаат иста мисија, пласман во Лигата на шампионите со Мол Види, односно Динамо Загреб, на реваншите од плејоф фазата, што се играат вечерва

Аријан Адеми има нешто полесна задача од Бобан Николов, а неговиот Динамо е во поизгледна позиција да се пласира во фазата по групи во Лигата на шампионите. Иако до самиот старт на реваншот со Јанг Бојс, вечерва на „Максимир“, ќе биде неизвесно дали Адеми ќе игра, популарните „модри“ се во добра позиција да играат во ЛШ. Имаат нерешено, 1:1 од првиот меч во Берн и им одговара реми без голови и секаква победа за ново учество во луксузната лига.
Николов и неговите соиграчи од Мол Види ќе имаат многу потежок предизвик во Атина, на реваншот против АЕК. Популарниот Видеотон, или со ново име Мол Види има негатива од 1:2 од првиот дуел во Унгарија.
АЕК е апослутен фаворит, но унгарскиот првак веќе нема што да загуби. Николов е стандарден член на Мол Види, се очекува и вечерва да го почне мечот од 21 часот, а без разлика на исходот, нашиот репрезентативец ќе игра подолго во европските купови. Мол Види има загарантиран настап во Европа Лигата, ако биде елиминиран од АЕК, што за Николов е второ учество по ред во фаза по групи. Лани, со Вардар, Николов оствари историски успех и прв настап на македонска екипа во фаза по групи во ЛЕ.

 

Најнови вести