Корисничко име Лозинка Пријави се
13.8.2018

Кадетите ќе се борат за место во А дивизија

Тимот за играчи до 16 години, со успех настапува на ЕП од Б дивизија

Репрезентацијата на Македонија за играчи до 16 години, со триумфот од 99:89 над Данска, се зацврсти на второто место во групата, има загарантирано место меѓу осумте најдобри на Европското првенство Б дивизија во Сараево, и ќе разигрува за пласман во А дивизија. По подолго време, една македонска репрезентација во младинските категории е во прилика да се бори за влез во елитното друштво. 
Тимот на селекторот Александар Јованчев, ја загуби првата четвртина со 21-27, но во второто полувреме нашите таленти уфрлија 57 поени и го свртеа резултатот во своја полза. Марко Миловановиќ со 30 поени, беше најефикасен во македонскиот тим, а имаше и девет освоени топки. Андреј Андоноски уфрли 22 поени, Лука Савичевиќ имаше 14 поени и 7 асистенции. Македонија играше со само седум кошаркари, но малата ротација не беше проблем на овој многу важен меч. 
Утре попладне, Македонија игра со Норвешка, која е последна и не знае за победа. Потоа в четврток ќе следува четвртфинале, најверојатно со Романија која е лидер во групата А и засега нема пораз.