12.8.2018 Кадетите се светла точка во нашата младинска кошарка
Националниот тим за играчи до 16 години, има шанса да се пласира меѓу осумте најдобри на Европското првенство Б дивизија
Репрезентацијата на Македонија за играчи до 16 години, со втората победа по ред на Европското првенство за кадети, Б дивизија во Сараево, најави дека има квалитет за влез во битката за место во плејофот. Ако се знае дека нашите селекции ретко кога влегуваат меѓу осумте најдобри и во второкласната Б дивизија, кадетите имаат потенцијал да направат резултат кој ќе се смета за успех, без разлика дали ќе се пласираат во А дивизија, или не.
После тесниот пораз од Русија во првото коло, во втората рунда нашите момци ја совладаа опасната Белгија, а синоќа беа убедливо подобри од Словачка со 76:53. Незаборавна е втората четвртина која „црвено-жолтите“ ја добија со неверојатни 20-1.
Денеска, тимот на селекторот Александар Јованчев е слободен, а потоа му следуваат два меча по ред, со Данска и Норвешка. Ако бидат совладани и овие два тима (против Данска треба да биде потешко отколку против Норвешка), Македонија ќе го освои второто место во групата и заедно со Русија ќе се пласира во посакуваното четвртфинале.