Корисничко име Лозинка Пријави се
16.8.2018

Кадетите во транс, влегоа меѓу четирите најдобри во Б дивизија

Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 16 години е на една победа од место во европската елита

Заслужена огромна радост кај македонските кошаркари до 16 години, кои со победата од 74:71 во четврт-финалето над Романија, се најдоа на чекор од голем успех и пласман во А дивизија. Влезот меѓу четирите најдобри и во второлигашката Б дивизија во изминатава деценија беше нешто незамисливо, и затоа резултатот е успех.
На 22,5 секунди до крајот, Романците дојдоа на 71:72, но потоа наместо веднаш да направат фаул, дозволија Македонија да потроши дури 17 секунди. Кога направија прекршок, на 5,5 секунди до крајот, Марко Миловановиќ ги погоди двата пенали за свој 21 поен и победа на Македонија.  
Избраниците на селекторот Александар Јованчев утре (петок), од 18.45 часот играат полуфинале со домашната Босна и Херцеговина. Заморот ќе биде непријател на нашите, но тие ќе се обидат да ја прескокнат и таа пречка и да се најдат во А дивизија, меѓу 16-те најдобри во Европа во нивната возрасна категорија. 
Во А дивизија одат најдобрите три од првенството во Сараево. Ова значи дека и пораз од БиХ, нема да значи крај на надежите, туку ќе има и уште една шанса, мечот за третото место, против Русија или Чешка, кои се другите два полуфиналисти.