Корисничко име Лозинка Пријави се
28.5.2018

Кралот владее на Истокот – фантастичниот Леброн го одведе Кливленд во финалето

Кошаркарите на Кливленд кавалирс се пласираа во големото финале на НБА-лигата откако во седмиот, одлучувачки, натпревар како гости го совладаа Бостон селтикс со 84:79.

Леброн Џејмс повторно одигра неверојатна партија и натпреварот го заврши со 35 поени, 15 скокови и девет асистенции, додека на теренот ги помина сите 48 минути.
Џејмс одлично го пратеше Џеф Грин, кој беше икс фактор на овој натпревар. Крилниот играч средбата ја заврши со 19 поени и осум скокови, а одличен придонес имаше и Томпсон со десет поени и девет скокови.
Во домашниот состав Џејсон Тејтум постигна 24 поени и седум скока, Хорфорд 17, Морис 14, а Браун 13 поени.
Од стартот на натпреварот гледавме изедначена игра и се виде дека победникот ќе го одлучат ситници. Бостон на почетокот на втората четвртина имаше двоцифрена предност, но Кавалирс успеаја да му се доближат и полувремето да го намалат за 4, 43:39.
Натпреварот не беше многу убав за гледање, имаше многу промашувања на двете страни, но имаше и убави потези, меѓу кои се издвојуваат блокадата на Леброн Џејмс и забивањето на Тејтум преку Кралот.
Во текот на второто полувреме, Кливленд малку по малку ја презеде иницијативата, а еден од главните играчи, покрај Леброн, беше Џеф Грин. Некогашниот играч на Бостон погоди неколку многу важни шутирањана почетокот 4/4 и Кавалирс оттогаш останаа во игра.
Потоа палката ја презеде Џејмс, кој погоди неколку важни удари, додека Бостон не успеа да го пронајде вистинскиот ритам. Посебно лошо одигра Тери Розир, кој натпреварот го заврши само со четири поени (2/14 од игра).
На една минута до крајот, победникот веќе беше познат бидејќи со кошот на  Џејмс предноста на Кавалирс отиде на плус десет. Кливленд со тоа го слави четвртото финале во четири години, односно Леброн осмото последователно.
Бостон на крајот не успеа со половниот состав да влезе во големото финале, иако за тоа малку му требаше. Селтикс во текот на целиот плејоф играа без Кајри Ирвинг и Гордан Хејворд.
Кливленд во големото финале ќе игра против Хјустон или Голден стејт, чиј седми натпревар на програмата е ноќеска.

Најнови вести