13.3.2018 Саутхемптон конечно го отпушти Пелегрино
Раководството на Саутхемптон го отпушти менаџерот Маурисио Пелегрино по серијата лоши резултати во Премиер лигата.
Челниците на англискиот клуб реагираа по исклучително лошото издание и поразот од Њукасл со 3-0 минатиот викенд.
Заедно со Пелегрино, клубот ќе го напуштат и неговите асистенти Карлос Компањучи и Ксавиер Тамарит.
Саутхемптон во изминатите 17 натпревари во првенството забележа само една победа, против Вест Бромич на трети февруари (3-2), и со 28 бода е прв над зоната за испаѓање, со еден бод повеќе од Кристал палас и Стоук.
Четириесет и шестгодишниот Аргентинец дојде минатото лето од Алавес и потпиша тригодишен договор. На клупата на Саутхемптон го замени Клод Пуел, актуелниот менаџер на Лестер.
Пелегрино кариерата ја почна во 2012 година во Валенсија, а работеше уште во Естудијантес и во Индепендиенте.