29.8.2017 Вардар со бронза се враќа од Супер Глоуб
Македонскиот ракометен шампион Вардар го освои третото место на Супер Глоуб откако го декласираше домашниот Ал Сад со 37-19 (14-10). Натпреварувањето го заврши со две победи и еден пораз, оној во полуфиналето.
Вардар доминираше во второто полувреме, особено во првите 15 минути, во кои го најави триумфот над Ал Асад. Во 41-вата минута македонскиот тим поведе со плус десет, 22-12, а потоа постојано ја зголемуваше разликата.
На натпреварот во игра воопшто не влегоа: Лука Циндриќ, Иван Чупиќ (освен за пенал), Рожерио Мораеш, Страхиња Милиќ, а Даинис Кристопанс ги одигра само последните десет минути, кога веќе беше јасен победникот.
Второто полувреме беше исполнето со борбеност, пожртвуваност и максимална концентрација на играчите на нашиот тим. Во 36-тата минута од средбата, Дибиров го постигна неговиот втор гол во низа за наше водство од 19-12, потоа не реализиравме два напади, по што тренерот на домаќините побара тајм аут. И понатаму доминираше нашата екипа, Македа и Борозан продолжија со исто темпо. Во 44-тата минута Вардар водеше со 25-12, а домаќинот повторно побара тајм аут. На голот на македонскиот тим влезе Даниел Ѓорѓески, на бек Јања Војводиќ, а потоа и Кристопанс. Ѓорески одбрани пет удари кон голот.
Во првото полувреме Арпад Штербик за 18 минути одбрани седум удари упатени кон голот. Вардар поведе со 4-1, а Ал Сад израмни на 5-5, па на 6-6, а потоа и поведе со 6-7. Домаќините не се предаваа и играа борбено сè до 25-тата минута. Тогаш последен пат се приближија на минус еден, односно резултатот беше 9-10. Нашата екипа не реализира два напади во серија, а откако Штербик повторно одбрани, преку Шишкарев двапати и еднаш Дибиров, на полувремето резултатот беше 14-10 за ракометарите на македонскиот тим.
Ова беше последен натпревар на Вардар пред официјалниот почеток на сезоната во СЕХА-лигата, на втори септември ќе гостува кај Металург во СЦ „Борис Трајковски“.