Корисничко име Лозинка Пријави се
13.6.2017

Федерер: Нема повеќе пауза!

Швајцарскиот тенисер Роже Федерер изјави дека Рафаел Надал и тој го искористиле падот во играта на Новак Ѓоковиќ и на Енди Мареј за да се најдат на врвот на АТП-листата и дека очекуваат одлична завршница на сезоната.

Со исклучок на Мастерсот во Рим, кој го освои Александр Зверев, сите големи титули во оваа година им припаднаа на Роже Федерер и на Рафаел Надал.
Швајцарецот триумфираше на Отвореното првенство на Австралија, потоа на Мастерс во Индијан Велс и во Мајами, а Шпанецот продолжи со триумфи во серија на турнирите 1.000 во Монте Карло и во Мадрид, а потоа и на вториот Грен слем во сезоната – Ролан Гарос.
„Бев многу изненаден со победата во Австралија и со титулите во Индијан Велс и во Мајами. Мислам дека е помало изненадување тоа што Рафа го освои Ролан Гарос, бидејќи тоа претходно го направи девет пати. Се надевав дека ќе биде доминантен на земја како што беше некогаш, но и понатаму сум изненаден што ние го можеме тоа. Можеби има некаква врска со тоа што Мареј малку попушти по одличниот крај на претходната година и со тоа што Новак не е на неговиот максимум. Го искористивме фактот што ние сме во одлична форма, што свежи влеговме во новата сезона“, изјави Федерер.
По одличниот почеток на годината, петтиот тенисер на светот одлучи да ја прескокне целата сезона на земја, а на теренот ќе се врати по два месеца во Штутгарт.
„Нема повеќе пауза. Доста беше. Ми се чини како да сум станал светски шампион во тренирање, а тоа не е она што сакам да бидам. Сакам да бидам победник на теренот. Регуларно ќе го играм вториот дел од сезоната, почнувајќи од турнирот во Штутгарт. Ќе се обидам да се вратам на победничкиот пат. Ќе биде интересно. Рафа е во одлична позиција да ја заврши годината на првото место. Главен предизвик за него до крајот ќе биде да избегнува повреди. Сигурен сум дека многу момчиња ќе почнат да играат подобро, тука сметам на: Мареј, Ѓоковиќ, Нишикори, Раониќ, Зверев, Кирјос, Стан... Сите ќе бидеме на максимум и ќе има епски крај на сезоната“, додаде Федерер.
Прв ривал на Федерер по враќањето ќе му биде победникот од дуелот меѓу Ербер и Хас.
По Штутгарт, Швајцарецот ќе игра и во Хале, пред да ја почне борбата за осмата титула на Вимблдон.

Најнови вести