Корисничко име Лозинка Пријави се
03.4.2017

Куман со деца и на „Олд Трафорд“

Роналд Куман, менаџерот на Евертон, изјави дека нема намера за натпреварот со Манчестер јунајтед да го менува тимот кој во саботата играше градско дерби со Ливерпул.

„Карамелите“ се поразени со 3-1 од најголемиот ривал на „Енфилд роуд“, а Куман во екипата имаше неколку млади и неискусни фудбалери.
„На располагање се сите играчи од викендот. Против Ливерпул имавме шестмина фудбалери помлади од 22 години. За да напредуваат, мораат да играат, да имаат минутажа. Јас сум менаџер кој секогаш им дава шанса на помладите играчи ако се развиваат, а имаме проблеми со повреди. Тие се иднината на клубот“, изјави Куман.
Евертон е седми во Премиер лигата со 50 освоени бодови, три помалку од петтопласираниот Јунајтед, кој се наоѓа на позицијата која води во Лигата на Европа, но има и два натпревари повеќе од „црвените ѓаволи“.
Во првиот дел од сезоната, двата тима ремизираа на „Гудисон парк“, Јунајтед водеше до самата завршница, а потоа сè упропасти Маруан Фелаини, кој направи пенал, од којшто Лејтон Бејнс му донесе бод на домаќинот.
Куман поради повреди не може да смета на: Боласи, Колмен и Мори, додека неизвесни се Мекарти и Шнедерлен.
Од друга страна, Жозе Мурињо ги нема на располагање: Џонс, Смолинг и Мата, а неизвесен е и Погба.
Јунајтед и Евертон играат утре, од 21 часот на „Олд Трафорд“.

Најнови вести