Корисничко име Лозинка Пријави се
01.3.2017

Гроскројц се степа, заврши во болница

Поранешниот германски фудбалски репрезентативец Кевин Гроскројц е хоспитализиран по тепачката во понеделникот.

Гроскројц во понеделникот вечерта излегол со група пријатели, која потоа се степала со друга група мажи.
Фудбалерот на Штутгарт заработил исеченица на главата, поради што бил однесен во болница, од која би требало да излезе денес.
„Гроскројц се чувствува добро, ако ги земеме предвид околностите. Кевин ќе ги тужи напаѓачите, а се надеваме дека денес ќе излезе од болница“, се наведува во соопштението на клубот од Виртемберг.
Во тепачката било повредено и едно 16-годишно момче од друштвото на Гроскројц, а четворица мажи се приведени во врска со инцидентот.
Десниот надворешен играч беше член на германската репрезентација, која во Бразил 2014 година ја освои светската шампионска титула (без ниту една минута на теренот), но од таа година не настапува за „елфот“.
Гроскројц минатиот јануари од матичната Борусија Дортмунд направи трансфер во Штутгарт, со кого испадна од Бундеслигата, но клубот моментно се наоѓа на чело на втората лига има добри шанси веднаш да се врати во елитата.
Оваа сезона играше во 16 натпревари за „швабите“ и постигна еден гол.
Гроскројц претходните години во повеќе наврати беше вмешан во инциденти, вклучувајќи го и оној кога со ќебап ги гаѓаше навивачите на противничката екипа, како и оној по финалето на Купот на Германија 2014 година, непосредно пред заминувањето во Бразил, кога уринираше низ хотелот во Берлин.

Најнови вести