27.8.2013 Томас Шнајдер е новиот тренер на Штутгарт
Во фудбалскиот клуб Штутгарт брзо пронајдоа замена за Бруно Лабадија, тренерот кој мораше да замине по многу лошиот старт во новата сезона. Негов наследник е 40-годишниот Томас Шнајдер.
Иако од клубот најавија дека барем во овој воведен период без Лабадија ќе имаат само привремено решение, многу брзо успеаја да ја завршат работата со Шнајдер, кој досега ја извршуваше должноста тренер на 17-годишните фудбалери во Штутгарт. Во кратката тренерска кариера Шнајдер никогаш не тренирал ниту еден професионален сениорски клуб.
„Многу брзо се договоривме, а мој приоритет е да го подигнам клубот и играчите во следните неколку дена. Мораме да бидеме одлични во четврток, бидејќи целта е да се избори Лигата на Европа“, изјави Шнајдер, кој како фудбалер помина дури дванаесет сезони меѓу популарните „шваби“.
На патот на Штутгарт кон една од групите на Лигата на Европа му стои хрватскиот претставник Риека, која со 2-1 го доби првиот натпревар на „Кантрида“.
Досегашниот тренер Лабадија доби отказ по трите порази во воведните три бундеслигашки кола.