29.9.2016 Атлетико го сруши Баерн, пресврт на Барса, 28 голови!
Дури 28 голови се постигнати на натпреварите од второто коло на Лигата на шампионите во првите четири групи, а големото дерби му припадна на Атлетико Мадрид.
Екипата на Диего Симеоне во репризната средба на минатогодишното полуфинале го совлада Баерн Минхен на „Висенте Калдерон“ со резултат 1-0.
Во другиот натпревар од групата Д, Ростов и ПСВ Ајндховен во Русија одиграа нерешено 2-2.
Во групата А, ПСЖ го победи Лудогорец во Бугарија по пресвртот со 3-1, додека Арсенал со двата гола на Тео Волкот рутински славеше против Базел во Лондон со 2-0.
Многу голови имаше во Неапол, каде што Наполи славеше против Бенфика со 4-2, а во другиот натпревар од групата Б, Бешикташ и Динамо Киев одиграа нерешено 1-1.
Најинтересните дуели беа одиграни во групата Ц. Селтик три пати водеше против лидерот на Премиер лигата, Манчестер сити, но тимот на Пеп Гвардиола си замина со бод од Глазгов – 3-3. Многу проблеми имаше и Барселона без Меси против Менхенгладбах, но направи пресврт во второто полувреме и славеше со 2-1 со головите на Туран и Пике.