Корисничко име Лозинка Пријави се
10.8.2016

И Серена падна во Рио

Олимписката шампионка Серена Вилијамс нема да го одбрани златото во Рио по изненадувачкиот пораз од Украинката Елина Свитолина во 3-тото коло со 6:4, 6:3.

Американката која зад себе има 22 Гренд слем титули и четири олимписки злата не беше препознатлива и за време на целиот меч правеше грешка по грешка.
Серена во третиот гем најави лоша вечер кога на една брејк топка утна смеч за водство за 2-1, а до крајот на натпреварот таквите ситуации стануваа сè почести.
Свитолина до шокантната победа, најголема во кариерата, стигна со скромни девет винери, а останатите од вкупно 63 поени дојдоа како подарок од Вилијамс - 37 неизнудени и 17 изнудени грешки.
Највпечатлив беше седмиот гем на вториот сет кој Серена го загуби со серија лоши сервиси кои на Украинката ѝ обезбедија пет поени без игра, а Американката имаше осум двојни сервис грешки.
„Ова беше голема шанса, но не помина како треба. Сепак, барем стигнав до Рио што ми беше цел“, изјави Серена по мечот.
По овој пораз на триесет и четиригодишната тенисерка и машкиот и женскиот турнир останаа без првите носители по елиминацијата на Ѓоковиќ во првото коло од Дел Потро.

Најнови вести