15.2.2016 Палермо го врати тренерот три месеци по отказот
Италијанскиот фудбалски клуб Палермо го ангажираше тренерот Џузепе Јакини само три месеци откако го отпушти.
Досегашниот тренер Џовани Боси е заменет по само еден натпревар на клупата во Серија А.
Јакини доби отказ на 10-ти ноември и беше заменет од Давиде Балардини, кој беше отпуштен на 11-ти јануари.
Палермо во меѓувреме го доведе Гилјермо Барос Скелоти, но аргентинскиот стручњак немаше исправни документи, па тимот го водеа Боси, а потоа и Џовани Тедеско.
Скелоти на 9-ти февруари го напушти клубот откако Европската фудбалска унија (УЕФА) ја одби жалбата на Палермо, па Боси беше избран како решение.
Сепак, поразот од Торино во Палермо со 3-1 го наведе сопственикот на клубот Маурицио Цампарини да го врати Јакини на клупата.
Цампарини во меѓувреме им се извини на навивачите и бараше да му простат поради „месеци на хаос“ во кои беше Палермо.
Палермо по 25-тото коло го зазема 15-тото место на табелата на италијанското првенство со 26 бодови, четири повеќе од Фрозиноне кој се наоѓа во зоната за испаѓање.