Корисничко име Лозинка Пријави се
10.11.2014

Трабзонспор го отпушти Халилхоџиќ

Турскиот фудбалски прволигаш Трабзонспор вчера го отпушти тренерот Вахид Халилхоџиќ поради серијата лоши резултати.

Шеесет и едногодишниот стручњак од Босна и Херцеговина Трабзонспор го презеде во јули, кога потпиша двегодишен договор вреден 3,3 милиони евра.
Ова е втор пат Халилхоџиќ да добие отказ во овој клуб, откако тоа му се случи во 2006 година.
Трабзонспор на својата интернет-страница соопшти дека со Халилхоџиќ договорно е раскината соработката, не наведувајќи ги деталите.
„Му се заблагодаруваме на Халилхоџиќ за придонесот и посветеноста и му посакуваме сè најдобро во иднина“, стои во соопштението на интернет-страницата на клубот.
Пред ангажманот во турскиот клуб, Халилхоџиќ ја водеше репрезентацијата на Алжир, со која го оствари најголемиот успех во историјата на селекцијата на таа земја – пласман во осминафиналето на Мундијалот во Бразил.
На Халилхоџиќ ќе му бидат исплатени 1,6 милиони евра, пренесоа турските медиуми.
Трабзонспор моментно се наоѓа на 12-тото место на табелата од 18 тимови, по осум одиграни натпревари.
Како што тврдат турските медиуми, Халилхоџиќ на клупата на Трабзонспор ќе боде заменет од Ерсун Јанал, кој минатата година го одведе Фенербахче до титулата.

Најнови вести