Корисничко име Лозинка Пријави се
01.7.2014

Фудбалерите на Алжир го поддржуваат Халилхоџиќ

Вахид Халилхоџиќ, селекторот на Алжир, се расплака по поразот на неговиот тим од Германија во осминафиналето на Мундијалот во Бразил и го гушна секого од своите фудбалери.

Алжир прв пат играше во втората фаза од Светското првенство, но целата гордост поради тоа набрзо исчезна, откако по натпреварот во центарот на вниманието дојде неизвесноста околу останувањето на Халилхоџиќ на клупата на тимот од северот на Африка.
Германија по продолженијата победи со 2-1, навивачите на Алжир бурно ги поздравија Халилхоџиќ и репрезентативците, но босанскиот тренер не отишол на задолжителната конференција за новинарите и одбил да дава изјави додека одел со тимскиот автобус.
Халилхоџиќ уште откако го презеде тимот во 2011 година имаше лош однос со медиумите во Алжир и со тамошниот Фудбалски сојуз. Тоа се виде и во Бразил, кога тренерот беше критикуван поради изборот на тимот и тактиката.
„Ја презеде грижата за тимот, нè насочи како што треба, сите играчи му се заблагодаруваат. Сите го бакнавме на крајот на натпреварот. Треба да биде награден ако сепак одлучи да оди“ изјави Маџид Бухера, капитенот на Алжир.
Најновата кавга на Халилхоџиќ и локалните медиуми поврзана е со рамазанските пости. Тренерот изјавил дека секој фудбалер поединечно треба да одлучи дали ќе пости во текот на Рамазан или дополнително.
„Тоа е лично прашање. Тоа е меѓу нас и Бога. Немам одговор за вас, не мислам дека треба да ви одговарам“, изјави голманот Раис М’Боли.
Алжир стигна во Бразил со млад тим. Екипата никогаш во историјата не ја поминала првата фаза, а не постигнала гол уште од 1982 година. Овие момчиња, од кои многумина од нив се родени во Франција, оставија позитивен впечаток на првиот натпревар, и покрај поразот од Белгија со 2-1.
Тимот потоа остави одличен впечаток во победата од 4-2 над Јужна Кореја, а во тешкото реми од 1-1 со Русија успеа да избори пласман во втората фаза.
Во осминафиналето прописно ја намачи Германија, а конечно падна во продолженијата.
„Се уморивме во второто полувреме. Тоа е сосема нормално за тим каков што е нашиот, кој на крајот на сезоната игра против врвен ривал. Но, овој тим расте. Ова за мене е доказ дека можеме многу да постигнеме“, изјави Бухера.

Најнови вести