Корисничко име Лозинка Пријави се
28.6.2018

Лев: Шокиран сум, најдобро е да молчам

Селекторот на Германија Јоаким Лев не го криеше разочарувањето по најголемиот неуспех во историјата и испаѓањето во групната фаза на Светското првенство во Русија.

Германија со поразот од Јужна Кореја го заврши Мундијалот на последно место во групата Ф и веќе на стартот остана без шанси да ја брани светската круна освоена во Бразил пред четири години.
„Шокиран сум! Навистина сите верувавме дека можеме да го истуркаме ова и да се пласираме во нокаут фазата, никој не очекуваше сега да испаднеме. Тешко е да се каже кои се причините за ваквиот резултат. Разочарувањето е големо. Очигледно дека не заслуживме ништо повеќе“, изјави Лев.
Германците прв пат во историјата го завршија Светското првенство во групната фаза.
„Како после ова? Мораме да разговараме во тимот. Доволно сум искусен сега да кажам нешто повеќе. Мора да помине време да ја согледаме ситуацијата реално. Не мислам дека следи тежок период за нашиот фудбал. Има многу млади и квалитетни фудбалери. Ова мораше да се случи еднаш. Сега е потребно да извлечеме поуки и да продолжиме понатаму“, заклучи германскиот селектор.
Со испаѓањето на стартот Германците ја продолжија лошата низа на бранителите на титулата. На претходните два Мундијали тогаш актуелните шампиони, Шпанија и Италија, остварија исти резултати.

Најнови вести