Корисничко име Лозинка Пријави се
23.6.2011

Расисти го „избркаа“ Карлос од теренот

Нов расистички скандал ја тресе Русија. Навивачите на Крилја Совјетов, на натпреварот од петнаесеттото коло во Премиер лигата, во деведесеттата минута на теренот фрлале банани, кои паднаа во близина на фудбалерот од гостинската екипа, Бразилецот Роберто Карлос, а изнервираниот ас во тој момент го напуштил теренот.

Натпреварот се одигра во Самара, а Анжи славеше со 3-0, додека поранешниот репрезентативец на Бразил, по важната победа на својот тим, беше изнервиран и навреден од расистичките испади на домашните навивачи.

Инаку, слични инциденти речиси се секојдневие во Русија, а за овој проблем, бидејќи Русија ја доби организацијата на Светското првенство во 2018 година, укажаа многумина црномурни играчи.

„Огорчен сум од однесувањето на дел од навивачите, кои не ме навредија само мене туку сите фудбалери коишто беа на теренот. Се надевам дека на ова ќе реагираат Фудбалската федерација на Русија, УЕФА и ФИФА и ќе направат адекватна процена во врска со овој гнасен инцидент“, рече капитенот на Анжи, Роберто Карлос.

Одлуката да го напушти теренот не била импулсивна.

„Си заминав од теренот свесен за целата ситуација. Доживеав огромно разочарување и немав желба да го продолжам натпреварот. Тоа е срамота“, додаде Бразилецот.

По натпреварот, еден од челниците на Крилја Совјетов во соблекувалната им се извинил на фудбалерите на гостинот, а како што пренесуваат руските медиуми, можно е Самара да биде казнета со одземање три бода, плус парична казна.

Најнови вести