Корисничко име Лозинка Пријави се
23.7.2013

Хидинк ја напушти клупата на Анжи

Гус Хидинк, досегашниот тренер на Анжи од Махачкала, поднесе оставка на таа функција, а на негово место рускиот клуб ќе го предводи Рене Меуленстен.

„Анжи го прифати барањето на тренерот за раскинување на работниот однос. Клубот му се заблагодарува на Хидинк за значајниот придонес и му посакува успех во идната кариера“, се наведува во соопштението на рускиот клуб.
„Хидинк не беше само сведок, туку и еден од клучните фактори во формирањето на модерната историја на Анжи, на имиџот на клубот во Русија и во странство“, се вели во соопштението.
Холандскиот тренер рече дека одлуката не ја донел лесно, но и дека е уверен дека клубот има голема иднина.
„Не беше лесно да се донесе одлуката, но секогаш говорев дека мојата мисија во Анжи ќе заврши кога клубот може да се развива и да расте без мене. Сега дојде време. Уверен сум дека клубот има голема иднина и мило ми е што бев дел од овој проект“, изјави Хидинк за интернет-страницата на клубот.
Поранешниот селектор на Русија и на Турција и некогашен тренер на ПСВ во Анжи дојде во февруари 2012 година, а клубот минатата сезона ја заврши на третата позиција на табелата на рускиот шампионат.
На интернет-страницата на Анжи е објавено и дека екипата во наредниот период од клупата ќе ја предводи Рене Меуленстен, кој стана дел од стручниот штаб пред почетокот на сезоната.

Најнови вести