Корисничко име Лозинка Пријави се
22.10.2014

Хидинк останува селектор на Холандија

Фудбалскиот сојуз на Холандија го поддржа селекторот на репрезентацијата Гус Хидинк и покрај лошите резултати во квалификациите за Европското првенство 2016 година во Франција.

Медиумите и навивачите во Холандија го критикуваа Хидинк поради лошата игра и резултатите во натпреварите против Чешка и Исланд, коишто Холандија ги изгуби и побара негова оставка. По трите кола во квалификациската група А, Холандија има три бодови, а Исланд и Чешка по девет.
„Имавме одличен резултат на Светското првенство во Бразил, а често се случува почетокот на друго натпреварување да биде тежок. По разочарувачките резултати, нашата цел и понатаму е иста – пласман на Европското првенство 2016 година. Фудбалскиот сојуз на Холандија верува дека овој стручен штаб и играчите ќе ја исполнат целта“, се наведува во соопштението на Сојузот.
Хидинк најави промени за наредниот натпревар и изјави дека е важно екипата да биде сложна.
„Јасно е дека сакавме подобри резултати на почетокот на квалификациите. Сега е важно да се држиме заедно и да ја оствариме нашата цел. Не можам да кажам што ќе променам, уште е рано за тоа. Ќе видиме во наредните натпревари“, изјави Хидинк.
Наредниот натпревар Холандија ќе го игра на 16-ти ноември на свој терен против Летонија.
Хидинк ова лето на клупата на репрезентацијата го наследи Луис ван Хал, кој по освојувањето на третото место на Светското првенство во Бразил го презеде Манчестер јунајтед.

Најнови вести