Корисничко име Лозинка Пријави се
27.3.2018

Холанѓаните го декласираа шампионот на Европа

Фудбалерите на Холандија ја декласираа Португалија, актуелниот европски шампион, со резултат 3-0 во пријателскиот натпревар.

Холанѓаните, кои нема да учествуваат на Мундијалот во Русија, ги совладаа Португалците во Женева благодарение на феноменалното прво полувреме.
Екипата на Роналд Куман сите три погодоци ги постигна во првите 45 минути, а предност им донесе Мемфис Депај во 11-тата, кога најдобро се снајде на пет метри и го искористи додавањето на Ван Дер Бек.
Дваесетина минути подоцна резултатот на семафорот беше 2-0, откако Рајан Бабел со глава ја затресе мрежата, а во втората минута од продолжението на првото полувреме Ван Дај го постави конечниот резултат.
Новиот капитен на „лалињата“ беше прецизен по прекинот и на тој начин му се оддолжи на селекторот.
На Холанѓаните работата им беше олеснета од средината на вториот дел бидејќи Жоа Кансело заработи втор жолт картон.
Во останатите натпревари од вчерашниот ден, Норвешка со минимален резултат (1-0) ја совлада Албанија, а стрелец на единствениот погодок беше Ростед во 70-тата минута.
Финска со 5-0 беше поубедлива против Малта, а Бугарија го победи Казахстан со 2-1.

Најнови вести