Корисничко име Лозинка Пријави се
18.5.2017

Кајт го оствари детскиот сон, па се пензионира

Холандскиот офанзивен играч Дирк Кајт изјави дека ќе се пензионира по 19 години професионална кариера во фудбалот.

Во текот на богатата кариера играше во финалето на Лигата на шампионите, а со репрезентацијата на Холандија играше во финалето на Светското фудбалско првенство во 2010 година.
Последните две години игра во Феенорд, каде што и ја завршува кариерата, а се збогува како шампион на Холандија. Феенорд прв пат по 18 години ја освои холандската шампионска титула, а Кајт титулата ја осигури со хет-трикот против Хераклес.
Кајт е роден на 22-ри јули во 1980 година. Фудбал почна да тренира како петгодишен во клубот Квик бојс, каде што стигна до првиот тим пред да биде ангажиран од Утрехт во 1998 година.
Во Утрехт помина пет години и ја освои холандската Златна копачка, а во 2003 година за прв пат направи трансфер во Феенорд. Во трите години поминати во клубот беше многу ефикасен во нападот, што му беше препорака кај менаџерот на Ливерпул, Рафаел Бенитес.
Од 2006 до 2012 година беше миленик на навивачите на „Енфилд роуд“, а е единствен играч на Ливерпул кој против Манчестер јунајтед постигнал хет-трик - во 2011 година. Со „црвените“ подигна еден трофеј, Лига купот во 2012, а играше и во финалето на Лигата на шампионите во 2007 година.
Ливерпул тогаш не успеа да го повтори успехот од 2005 година, кога го победи Милан, а Кајт не пропушти да им даде гол на „росонерите“ .
По доаѓањето на Брендан Роџерс во Ливерпул, Кајт е продаден во Фенербахче, каде што ги освои Купот и Лигата, а пред две години се врати во Феенорд.
„Се вратив во Феенорд да освојувам титули и да бидам шампион. Ги исполнив сите соништа“, изјави Кајт по доаѓањето во Феенорд. Клубот го водеше како капитен до титулата во оваа сезона.
„За мене ова е вистинско време да кажам крај. Титулата во Лигата оваа сезона е апсолутен врв“, изјави Кајт по повод неговото пензионирање.
За националниот тим настапи 104 пати. Со репрезентацијата на Холандија играше во финалето на Светското првенство 2010 година, кога Иниеста му пресуди на Лалама за титулата на Шпанија, додека во 2014 година на тоа натпреварување беше трет.

Најнови вести