09.1.2016 Суарес суспендиран на два натпревари
Напаѓачот на Барселона, Луис Суарес, е суспендиран на два натпревари во Кралскиот куп, по навредите за играчите на Еспањол во првиот натпревар во осминафиналето.
Барселона во средата на „Камп ноу“ го победи градскиот противник Еспањол со 4-1, а судијата во записникот завел дека Суарес ги навредувал фудбалерите на Еспањол во тунелот до соблекувалната.
„Суарес им се обратил: ‘ Ве чекам, дојдете ваму’. Тоа предизвикало конфликт меѓу фудбалерите на двата клуба, па морало да интервенира обезбедувањето, како и тренерите на двата тима“, пишува во записникот на судиите од тој натпревар.
Инаку, медиумите од Каталонија го обвинија Суарес дека го навредувал играчот на Еспањол Папа Диоп на расна основа во 75-тата минута. Сенегалецот по вербалниот дуел беше исклучен, а напаѓачот на Барселона помина без опомена.
Реванш натпреварот е на програмата следната седмица.