Корисничко име Лозинка Пријави се
08.10.2015

Адеми позитивен на допинг тест по мечот со Арсенал

Аријан Адеми, македонскиот репрезентативец и фудбалер на Динамо од Загреб, бил позитивен на тестот за допинг по натпреварот од Лигата на шампионите против Арсенал.

УЕФА покрена постапка против фудбалерот на Динамо, кој падна на тестот за допинг по победата од 2-1 на хрватскиот шампион против „топчиите“.
Адеми паднал на тестот за допинг, додека наодот на другиот играч кој бил на тестирањето е негативен. Се чекаат резултатите од контролата Б, а на македонскиот репрезентативец му се заканува двегодишна суспензија.
Токму против Арсенал овој 24-годишен играч одигра одличен натпревар во кој на „Максимир“ ги надигра фудбалерите за врска на англискиот клуб.
„Запознаени сме со резултатите од контролата за допинг по натпреварот од првото коло на Лигата на шампионите против Арсенал и дека нашиот играч Аријан Адеми бил позитивен и дека против него УЕФА покрена постапка. Адеми шест пати е тестиран во последнава година и секојпат наодот беше негативен. Исто така, играчите од почетокот на сезоната повеќе пати се тестирани од УЕФА и од Хрватската антидопинг агенција, а сите наоди секогаш беа негативни. Кога ќе имаме повеќе информации, на официјалната интернет-страница ќе ги известиме навивачите и јавноста“, соопшти Динамо.
Европската куќа на фудбалот ги извести Динамо и Фудбалскиот сојуз на Македонија за условната суспензија додека не се добијат резултатите од наодот Б. Ако и тој биде позитивен, играчот за врска на Динамо најверојатно ќе добие суспензија од две години.
Тој го напушти кампот на македонската репрезентација откако дозна дека паднал на тестот за допинг и веднаш се вратил во Загреб. Беше на списокот на Љубинко Дурловиќ за натпреварите со Украина и Белорусија.

Најнови вести