17.9.2015 Мурињо: Сум го заборавил чувството на победа
Жозе Мурињо се најде под голем притисок на јавноста, се шпекулира дека клупата во Челзи не му е сигурна, но победата над Макаби ја враќа самодовербата.
„Сините“ на отворањето на Лигата на шампионите на „Стемфорд бриџ“ го победија Макаби Тел Авив со 4-0.
„Го заборавив чувството на победа... Добро е чувството. Пеналот што го промашивме беше голем тест за нас, кога баш сè е против вас, вие добивате пенал и не го погодувате. Мислам дека ова беше добар тест за карактерот на екипата. Среќен сум со изданието на тимот и со резултатот“, изјави Мурињо.
Челзи моментно се наоѓа на 17-тата позиција на Премиер лигата, веднаш над зоната за испаѓање, само со четири бодови од пет натпревари.
„Да моравме утрово да се пробудиме по пораз, да тренираме по пораз и да се подготвуваме за дербито со Арсенал, па тоа би било многу тешко. Бевме агресивни, со и без топката. Кога го губевме поседот, имавме брзи реакции и се обидувавме да изнудиме грешки на противникот. Имавме добро движење на топката, не ги победивме Барселона или Баерн Минхен, но игравме против тим кој многу ни ја отежнуваше работата“, изјави Мурињо.