27.3.2015 Чави во Катар за десет милиони долари годишно
Чави, играчот за врска на Барселона, на крајот на сезоната ќе го напушти клубот од „Камп ноу“ и ќе се пресели во Катар.
Легендарниот играч на Каталонците и на репрезентацијата на Шпанија ќе потпише тригодишен договор со Ал-Сад и ќе заработува по десет милиони долари од сезона.
Триесет и петгодишниот Чави, исто така, ќе биде консултант на националниот тим на Катар, кој е домаќин на Светското првенство 2022 година.
Чави потекнува од Барселона, а за првиот тим дебитираше во 1998 година. Одигра 750 натпревари и постигна 84 голови.
Седум пати беше шампион на Примера лигата, шест пати победник на шпанскиот Суперкуп, три пати ја освои Лигата на шампионите, два пати Суперкупот на Европа и Кралскиот куп.
Со репрезентацијата на Шпанија Чави беше светски шампион и два пати шампион на Европа.