17.3.2015 Тулуз се раздели со тренерот по седум години
Ален Казанова, долгогодишниот тренер на фудбалерите на Тулуз, е сменет по серијата лоши резултати во француската Лига 1.
Клубот од југозападот на земјата во саботата изгуби од Ленс (1-0), трет пат во последните четири кола, а 16-ти пат во сезоната и сега се наоѓа во зоната за испаѓање.
Педесет и двегодишниот Казанова беше тренер со најдолг стаж меѓу француските прволигаши, екипата на Тулуз ја водеше од мај 2008 година.
Рекордер меѓу француските стручњаци е легендарниот Ги Ру, кој на клупата на Оксер помина цели 36 години, од 1964 до 2000 година.
Тулуз со 29 бодови се наоѓа на 18-тото место на табелата и има три бодови помалку од Евијан, првиот клуб над опасната зона.