08.12.2014 Најлош старт на Интер од 1946 година
Роберто Манчини, тренерот на Интер, беше бесен по поразот на неговата екипа од Удинезе на домашен терен во 14-тото коло на Серија А.
Интер по 14 кола има само 17 бодови, што е најлош скор на „нераѕурите“ уште од сезоната 1946/47, кога во оваа фаза на првенството имаа 12 бодови.
„Лут сум поради овој пораз. Сепак, сега не можеме ништо да направиме, момчињата работат добро, мораме да засукаме ракави и да продолжиме така“, изјави Манчини, чиј тим на полувремето водеше со 1-0.
„Во првото полувреме игравме добро, создадовме неколку шанси и можевме да дадеме уште некој гол. Почнавме како што треба и во продолжението, но Удинезе ги искористи своите 15 минути и направи пресврт“, додаде Манчини.
Интер се наоѓа на 12-тото место на табелата, а во следното коло игра со Киево во Верона.