Корисничко име Лозинка Пријави се
19.5.2014

Ван Хал официјално на клупата на Манчестер јунајтед

Холандскиот селектор Луис ван Хал ќе го преземе Манчестер јунајтед по крајот на Светското првенство во Бразил, соопшти клубот од „Олд Трафорд“.

Холандскиот стручњак доаѓа како замена за Дејвид Мојс, кој беше отпуштен по серијата лоши резултати, а со англискиот гигант потпишал тригодишен договор.
„Со Луис ван Хал добивме еден од најдобрите менаџери на денешницата. Тој во кариерата оствари многу, а сега ќе може да напише нови поглавја на ’Олд Трафорд’“, изјави потпретседателот на клубот, Ед Вудворд.
Ван Хал ќе го преземе Манчестер јунајтед по завршувањето на Светското првенство во Бразил, каде што ќе ја води репрезентацијата на Холандија.
„Отсекогаш сакав да работам во Премиер лигата. Многу сум горд што ќе го водам Манчестер јунајтед, најголемиот клуб во светот. Гостував на ’Олд Трафорд’ и знам каква може да биде атмосферата, како и дека навивачите се многу страсни и го познаваат фудбалот. Клубот и јас имаме големи амбиции и убеден сум дека заедно ќе направиме историја“, изјави Холанѓанецот.
Рајан Гигс, в.д. менаџерот на Манчестер јунајтед, минатата седмица во Холандија се сретнал со Ван Хал за да се договори за новите задолженија, а други помошници на холандскиот стручњак ќе му бидат Франс Хек и Марсел Бут.
„Воодушевен сум што ќе имам можност да соработуваме. Ван Хал е тренер од светска класа и знам дека многу ќе научам од него. Јунајтед отсекогаш беше голем дел од мојот живот и задоволен сум што и понатаму ќе бидеме заедно“, изјави Гигс.
Ван Хал во текот на својата долгогодишна кариера освоил 19 трофеи - шампион на Европа со Ајакс, со кого го освои и Купот на УЕФА, а шампионски трофеи освои и во Шпанија со Барселона, Холандија со Ајакс и АЗ Алкмар и во Германија со Баерн Минхен.

Најнови вести