Корисничко име Лозинка Пријави се
06.9.2013

Македонија го пречекува најскапиот светски фудбалер

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во 19 часот на Националната арена „Филип II“ против Велс го игра седмиот квалификациски натпревар од групата А за Светското првенство во Бразил 2014 година.

Пандев, Ибраими,Новески и останатите репрезентативци ќе имаат можност на теренот да ги одмерат силите со репрезентацијата на Велс за која настапува најскапиот светски фудбалер во моментов, Герет Бејл, кој пред неколку денови го комплетираше најголемиот трансфер во историјата на светскиот фудбал преоѓајќи од Тотенхем во Реал Мадрид за 100 милиони фунти.
Малку е веројатно дека Велшанецот ќе настапи на целиот меч затоа што има многу малку одиграни натпревари целото лето поради повреда и трансфер сагата која траеше 40-ина денови, но Велшаните се надеваат дека ќе може да им помогне на своите соиграчи од репрезентацијата барем 45 минути.
Гостите во Скопје допатуваа без селекторот Крис Колмен кој го пропуштил летот поради проблеми со пасошот, но тој подоцна и се приклучи на репрезентација.
Натпреварот со Велс е шанса за македонската репрезентација да побегне од последното место во групата, имајќи предвид дека Шкотска, која има еден бод повеќе го пречекува лидерот Белгија, а во големото балканско дерби, во Белград се среќаваат Србија и Хрватска.
„Јасно е дека Велс не е тим кој треба да биде потценет. Ние добро работевме овие денови и очекувајќи да го исполниме зацртаното на теренот, сигурно сме оптимисти“ , изјави Пандев пред денешниот меч.

Најнови вести