Корисничко име Лозинка Пријави се
15.8.2013

Македонија во финишот ја победи Бугарија

Македонската фудбалска репрезентација вчера на националната арена „Филип II“ ја победи соседна Бугарија во пријателскиот натпревар со 2-0 со головите на Ибраими и Трајковски во финишот на натпреварот.

Македонија ја прекина непријатната серија од четири порази без постигнат гол, а по пауза од 15 години ја совлада Бугарија.
Нашата репрезентација добро го почна натпреварот, а првата шанса ја имавме во третата минута кога Тричковски по земја го проигра Јаховиќ во шеснаесетникот, кој биеше под пречката, но голманот на Бугарија Михајлов одлично интервенираше и спречи рано водство.
По оваа шанса се играше многу попретпазливо, а Бугарија се закани во 28-та минута, кога Тонев се најде очи во очи со Пачовски, кој на одличен начин интервенираше и го одбрани својот гол.
По десетина минути во второто полувреме, Горан Пандев истрча сам пред бугарскиот голман, но не успеа да се намести и навремено да шутира и големата шанса пропадна.
Во 82-та минута Ристовски беше соборен во шеснаесетникот, судијата покажа на белата точка, а Ибраими беше сигурен реализатор за водство од 1-0.
Четири минути подоцна Мојсов од својата половина одлично го проигра Трајковски, кој се најде очи во очи со Михајлов и смирено по земја ја испрати топката во мрежата за конечни 2-0 за Македонија.
На натпреварот во македонскиот национален дрес дебитираше деветнаесет годишниот Давид Бабунски, кој го замени Горан Пандев и кој за триесетина минути, колку што беше во игра, покажа дека се работи за голем талент.

Најнови вести