18.7.2011 Џими Џамп на Копа Америка го бакна Агеро
Џими Џамп, 34-годишниот Каталонец познат по втрчувањето во спортските арени и другите спортови, уште еднаш привлече внимание на себе. Го посети, па се стрча на натпревар од актуелната Копа Америка.
Во текот на
второто полувреме од четврт-финалниот натпревар меѓу Аргентина и Уругвај, во
кој Уругвајците се изборија за во полуфинале со изведување пенал, Џими Џамп
уште еднаш ги излажа чуварите на редот и пронајде начин како да истрча на
теренот. И не само тоа. Повторно имаше доволно време да ја изврши својата
мисија, а овој пат тоа беше доаѓањето до Аргентинецот Серхио Агеро, инаку
фудбалер на Атлетико Мадрид.
Џими Џамп на
неговата глава стави каталонска капа, потоа го бакна, па ја зеде капата и
истрча бркан од чуварите на редот. Тие набрзо го фатија и го изнесоа надвор од
теренот, но 34-годишниот Џими, очигледно, сакал да му каже на Агеро дека тој
лично би сакал да го види во Барселона. Инаку, Агеро моментно е на заминување
од Атлетико, но како негови можни дестинации се наведуваат Јувентус и Реал Мадрид.
Во серијата
подвизи на Џими Џамп стои и тоа дека тој се обидел да го завитка во знамето на
Барселона Луис Фиго во финалето на Светското првенство во Португалија во 2004
година а потоа трчал сè до голот и влегол во неговата мрежа, а пред две години во
финалето на „Ролан Гарос“ се обидел на да му стави каталонска капа на Роже
Федерер. Исто така, има трчано и на патеката на Формула 1 во Шпанија во 2004
година, има прекинато и неколку „Ел Класика“ меѓу Барселона и Реал, како и
неколку финалиња и полуфиналиња од Лигата на шампионите, а на еден
рагби-натпревар му се приклучил на тимот во изведувањето на почетниот удар
поставувајќи се во напаѓачки став.
Има посетено и
еден настан надвор од спортот. Пред две години се втурнал на сцената на
Евровизија додека се изведувала шпанската песна. Десет секунди успеал да игра и
да пее сè додека дошло обезбедувањето.