Корисничко име Лозинка Пријави се
16.7.2013

Дан го засили Квинс парк ренџерс

Триесет и тригодишниот ирски ветеран Ричард Дан ги засили редовите на англискиот фудбалски второлигаш Квинс парк ренџерс.

Во екипата која од менаџерската клупа ја води Хари Реднап Дан доаѓа како слободен играч откако му истече договорот со Астон вила.
„Тоа за нас е одлично засилување. Тој е врвен одбранбен играч и одлично момче. Има добар карактер, и всушност тоа е она што ни треба. Четири години по ред беше најдобар играч на Манчестер сити и тоа е профилот на играч каков што сум барал“, изјави Реднап.
Дан изрази задоволство од потпишаниот едногодишен договор, а Квинс парк ренџерс ќе му биде четврти различен клуб во кариерата, по Евертон, Манчестер сити и Астон вила.
„Бев блиску до соработка со Хари во неколку наврати, а шансата за соработка со него навистина ми се чинеше привлечна. По разговорот со претседателот и со Хари видов дека постои искрена одлучност да се вратам во Премиер лигата, каде што сите сакаме да бидеме. Ова е добар предизвик за мене и возбуден сум“, изјави Дан, кој во дресот на ирската репрезентација досега одигра 77 натпревари.

Најнови вести